Крушево ќе го развива авантуристичкиот туризам со швајцарска помош

18

thumbnail_vlcsnap-2016-12-26-13h38m57s68

Општина Крушево, швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и параглајдинг клубот Хели потпишаа меморандум за соработка за ефикасна, континуирана и координирана соработка за развој на туризмот во Крушево, фокусирајќи се, пред сé, на развој на параглајдерството. Со овој меморандум сите три страни се согласија да соработуваат во рамки на веќе формираната работна група за управување со дестинации, но и на осмислување и спроведување заеднички активности кои ќе ја подобрат туристичката понуда во Крушево.

„Како една од водечките 10 дестинации за параглајдерство во светот, Крушево како туристичка дестинација мора да се развива и да понуди содржини и услуги кои ќе соодветствуваат со потенцијалот кој го поседуваме за развој на овој тип туризам. Нашите анализи покажуваат дека за време на одржувањето на куповите и турите за параглајдерство, градот Крушево заживува, а локалната економија значително се подобрува“, изјави градоначалникот на Крушево, Ѓорги Дамчески.

Со помош на швајцарската програма ИМЕ ќе се примени една од најнапредните методологии за развој на туризмот, иновативниот модел за управување со дестинации развиен од Универзитетот Сент Гален од Швајцарија, со кој ќе се мапираат стратешките текови на посетители во дестинацијата, ќе се направи проценка на недостатоците во понудата и ќе се работи на прилагодување на туристичкиот производ за потребите на туристите.

„Потенцијалот на Крушево за развој на авантуристичкиот туризам е несомнен. ИМЕ програмата веќе неколку години работи на развивање на потенцијалите за авантуристички туризам во дестинациите во Македонија во кои работиме, пред сé, во насока на подобрување на системите за безбедност и управување со ризик, како важен сегмент во овој тип туризам. Со овој меморандум ќе се продлабочи нашата соработка со општината Крушево и со Хели клубот, а нашите заеднички активности ќе бидат во насока на подобрување на туристичката понуда на Крушево во претстојните сезони“, потенцираше заменик директорот на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, Маријана Милевска.

Во Крушево годишно се одржуваат неколку шампионати за параглајдерство, на кои учествуваат голем број учесници со свои тимови. Сепак, покрај професионалните натпревари, Крушево поседува потенцијал и за дополнителен развој на туристичкото параглајдерство.

Според Игор Тодевски од Хели клубот, соработката со општината е одличен прв чекор во заедничките напори за јакнење на туристичкиот сектор во Крушево. „Координацијата со локалната администрација е навистина важна во авантуристичкиот туризам. Мора заеднички да работиме со општината на обезбедување услови за развој на уникатен туристички производ од Крушево. Кога на таа соработка ќе се додаде и врвна швајцарска експертиза за туристички развој на дестинацијата, верувам дека Крушево може да достигне туристички стандарди кои ќе ги задоволат барањата на меѓународните туристи и параглајдинг ентузијасти“, рече Игор Тодевски.

Прв чекор во јакнење на соработката помеѓу приватниот и јавниот сектор во Крушево е отворање на Инфо пункт за параглајдерство, којшто ќе биде раководен од Хели клубот за параглајдерство од Крушево, на простор отстапен од страна на општината.