Крузерите годинава донесоа 24 отсто повеќе патници во Хрватска

77

Странските крстаречки бродови во хрватското Јадранско Море во првата половина од годината оствариле 244 повратни патувања или седум отсто повеќе од истиот период лани и донеле околу 350.000 патници или 24 отсто повеќе, покажуваат податоците на Државната статистика (ДЗС).

Во јуни странските крузери на Јадранот извршиле 100 повратни патувања, што е за два отсто помалку во однос на јуни минатата година, додека во сите останати месеци од почетокот на годината, бројот на овие патувања бележи благ пораст, пренесе „Мина“.

Но, и во јуни, со помалку крстарења, на нив е забележан поголем пораст на патници – 142,6 илјади или 18,6 отсто повеќе од јуни лани.

Како и во првите шест месеци, така и во јуни најмногу странски бродови за крстарење пловеа под знамињата на Бахамите и Малта, а тие бродови имаа најмногу патници, околу 90.000 само во јуни и околу 175.000 во првите шест месеци.

На Јадранот во првите шест месеци имало 57 странски крстарења или еден повеќе од истото време минатата година, но тие направиле 244 кружни патувања, што е за седум отсто повеќе.

На овие бродови пристигнале 350,5 илјади патници што е за 67,7 илјади патници или 24 отсто повеќе во однос на првите шест месеци од минатата година.

Статистиката покажува и дека крстосувачите престојувале во Хрватска малку пократко од лани, 524 дена или 2,2 отсто помалку.

Најмногу крстарења се направени во општините Дубровник-Неретва и Сплит-Далмација, меѓу најпосетуваните пристаништа се Дубровник и Сплит, Задар, Хвар, Корчула, Шибеник и Ровињ.