Крводарителска акција за 9-от роденден на Ре-Медика

69

20140407_103835 Дарување крв и донирање на телевизиска опрема се првите две активности со кои Ре-Медика го одбележува деветтиот роденден.
Докторите и целиот персонал и оваа година по традиција даруваа крв за потребите на Црвениот крст со што уште еднаш ја покажаа својата колективна одговорност и свесност за заедницата. Традиционалното дарување крв е дел од кампања „Супер е да си млад, кул е да си хуман“ за подигнување на свеста за крводарителството, која веќе две години се спроведува во соработка со Црвениот крст на град Скопје.
„Оваа акција особено ни значи, затоа што прерасна во традиција и значително обележје на роденденот на нашата болница. Во исто време е значајна затоа што под оваа благородна мисија се солидаризираат сите вработени во Ре-Медика преку самоиницијативно и доброволно дарување крв и на тој начин придонесуваме во спасувањето на многу животи. Во тој контекст соработката со Црвениот Крст е исклучителна за нас и е партнерство од коешто ќе произлезат уште многу бенефити“, изјави медицинскиот директор на Ремедика, Андреја Арсовски.
Освен колективното дарување крв, Ре-Медика ги донираше телевизорите од болницата во дневниот центар Даре Џамбаз, што ќе им овозможи на неговите членови подобрување во интеракцијата и разубавување на нивното секојдневие.
„Досега Ре-Медика се покажа како наш партнер во бројни хуманитарни активности како и донации. Акцијата мотивираше и други да се приклучат кон кампањата и имаме одлична реакција со што заедно со Ре-Медика ја постигнавме целта за подигнување на свеста за потреба од крводарителството. Ре-Медика поставува значаен пример што треба да го следат и останатите компании со цел да покажат морална одговорност кон заедницата во насока на придонесување за зголемување на крвните единици што ќе овозможат да се спасат повеќе животи“, изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот Крст од Скопје.
Партнерството меѓу Ре-Медика и Црвениот крст на град Скопје продолжува и во иднина во насока на заедничка ангажираност за општото добро на заедницата.