Го поздравуваме тоа што власта конечно го прифати нашиот предлог за намалување на старосната граница за пензионирање и предлагаме таа да биде од 59 до 61 за мажи и 57 до 59 за жени, се вели во соопштението на Конфедерацијата на слободни синдикати.
КСС смета дека со овој модел ќе се намали бројот на вработените во јавниот сектор.
“Доколку работниците предвремено одат во пензија процентот ќе им биде намален поради годините од предвремено пензионирање, според процентот на годините стаж, но штом ја исполнат старосната граница пензионерите да си ја добијат пензијата во полн износ, исто како да ја исполниле старосната граница од 64 односно 62 години“, предлагаат од КСС.
Бараат итно да се најде модел, решение и средства да се обештетат сите работници кои ја изгубиле својата работа по каков било основ, технолошки вишок, отказ на работно место, не продолжување на договор на определено време, не продолжување на договор преку агенција за вработување, принудно затворен бизнис поради уредбите од страна на Владата или пак работници од сивата економија, потребно е сите да бидат обештетени, бидејќи тоа се граѓани кои што овој момент немаат никакво примање, се наоѓаат во многу лоша состојба и не се во можност да ги платат своите режиски трошоци.
Исто така бараат од Владата овие работници да бидат ослободени од плаќање на режиски трошоци затоа што државата е сопственикот на ресурсите за струја и вода.
Фото: Freepik