Куба ќе дозволи отворање на приватни компании

81

Во планираната и веќе одобрена владина акција, за која се верува дека ќе предизвика голема економска реформа во земјата, властите во Куба ќе овозможат отворање на голем број приватни компании.

Министерката за труд, Марта Елена Феито, изјави дека списокот на одобрени компании се зголемил од 127 на повеќе од 2.000, јави BBC. Според неа, само мал дел од компаниите ќе останат во државна сопственост.

Кубанската економија е сериозно погодена од пандемијата на Ковид-19 и санкциите од САД.

Минатата година БДП на земјата падна за 11%, што е најлош пад во последните три децении, а населението почна да чувствува недостиг на основни прехранбени производи.

Министерката Феито додаде дека 124 компании ќе бидат исклучени од приватниот сектор, иако не кажа за кои точно се однесува одлуката.

Покрај стотиците илјади мали фарми, кубанскиот приватен сектор досега го сочинуваат малите занаетчиски фирми, таксистите и трговците, а околу 600.000 луѓе или 13% од работната сила во земјата, се приклучија на приватниот сектор кога за тоа им се укажа можноста.

Фото: Pixabay