Кубанските власти најавија дека планираат постепено да го елиминираат двовалутниот систем, во рамките на реформите со кои треба да се подобри економската состојба во земјата.
Според пишувањето на весникот Granma, Советот на министри одлучил постепено да се имплементираат мерки кои ќе доведат до обединување на монетарниот и девизниот курс, што е од исклучителна важност за да се загарантира повторно воспоставување на вредноста на кубанскиот пезос и неговата улога како валута, односно како единица за пресметки и средство за плаќање.
Куба го користи двојниот систем од 1994 година, кога земјата се отвори за масовниот туризам. Од тогаш има две официјални валути, пезос и конвертибилен пезос. Пезосот е околу 25 пати послаб од конвертибилниот пезос и главно го користи локалното население. Конвертибилниот пезос е врзан за доларот и најчесто го користат странските туристи.
Granma пишува дека не е јасно колку време ќе биде потребно за спроведување на овие промени, но тоа ќе помогне да се зголеми економската ефикасност и ќе послужи како поттик за претпријатијата кои увезуваат стоки и услуги. Промените нема да влијаат на приходите, ниту пак на заштедите на луѓето во кубанските банки.