Кула којашто е проектирана ја „чува“ светлината

Во кинескиот град Шенжен, во тек е изградбата на зградата на Институтот за финансиска технологија, кула од 46 ката проектирана од Zaha Hadid Architects (ZHA). Кулата се гради на многу тесна парцела, среде густа деловна област каде што секој сончев зрак е скапоцен.

Формата на кулата висока 199 метри е обликувана да овозможи максимално продирање на светлината во околните улици и јавниот простор. Оваа проектантска одлука дополнително се рефлектира во различната транспарентност и бои на фасадата, постигнато со користење на вертикални и косо поставени профили за застаклување во црна и бронзана боја.

Неодамна објавените фотографии од градилиштето ја покажуваат кулата која го достигнала својот врв, чекајќи да ја добие надворешна обвивка, додека привремено ја изложува својата структура и внатрешна организација пред очите на јавноста.

За градежниците особено е интересно да видат косо поставените столбови кои го овозможуваат необичниот облик на објектот, а со тоа и продирање на светлината во делови од улиците. Косите кружни столбови изведени се во кружна и заоблена оплата која се состои од два полукружни делови.

Кулата со површина од 76.000 квадтарнти метри ќе служи како проширување на лабораториите за истражување и развој на Институтот во Шенжен, но и како нов дом за технолошка размена, центри за податоци, кампус за обука, заедно со менаџмент, поддршка и административни одделенија.

Со својата локација во четвртта Футиан, центар на технолошките иновации, кулата е лесно достапна преку градскиот метро систем, поддржувајќи ја улогата на институтот во унапредувањето на технолошкиот напредок на Кина и глобалната економија.

Внатрешните атриуми на кулата ги поврзуваат различните катови, поттикнувајќи интеракција, додека интеграцијата на растенијата во проектот го подобрува квалитетот на воздухот и удобноста. Градината сместена на покривот на зградата обезбедува дополнителен простор за организирање настани или за релаксација.

Фасадата на зградата има високоефикасна топлинска изолација и надворешни елементи за самозасенчување. Дизајнот се базира на детална анализа на изложеноста на директна сончева светлина.

Проектот е збогатен со систем паметна зграда, кој користи вештачка интелигенција за оптимизирање на енергетската ефикасност и удобноста на корисниците преку хибридна природна и дополнителна вентилација. Климата се адаптира врз основа на бројот на корисници кои моментално престојуваат во зградата.

Фото: Xue Liang