Купувањето од американски продавници преку интернет станува подостапно

49

Visa и Мy.US.com склучија меѓусебен договор со кој ќе се олесни интернет купувањето и испораката на производи до купувачите надвор од САД, вклучувајќи ја и Македонија.

Компанијата за достава на пратки Мy.US.com, по пат на сопствен сервис за испорака, им обезбедува на меѓународните корисници пристап во оние американски продавници кои немаат можност за прекуокеанска достава или кои не прифаќаат неамерикански платежни картички.

Благодарение на договорот што го склучија овие две компании, Visa корисниците во Македонија сега ќе можат да одберат плаќање со Visa картичка по сопствен избор.

Менаџерот на Visa за Македонија, Биљана Петрушевска-Трајковска изјави дека преку ова партнерство корисниците на Visa платежните картички во земјава, ќе можат да купуваат на другиот крај на светот.

“Интернет купувањето го отвори глобалниот пазар, а можноста за купување на врвните американски брендови со испорака до повеќе од 200 земји е особено привлечна за корисниците. Истражувањето на компанијата Visа покажува дека 25% од испитаниците размислуваат за користење услуги кои би им го олесниле купувањето на прекуокеанските пазари во следните 12 месеци”, истакна Пол Јанг, одговорен во Visa е-трговија за територијата на Азија и Пацификот, централна Европа, Блискиот Исток и Африка.

Финансовиот директор во Мy.US.com, Мајкл Чалуб, ги уверува корисниците дека плаќањето е сосема безбедно.

“Visa е идеален партнер токму поради тоа што овозможува сигурност при плаќањето за услугите”, вели Чалуб.