Курт: Работиме на привлекување авиокомпании кои ќе летаат до нови ексклузивни дестинации

На двата македонски аеродрома ќе има многу работа во наредниот период, а тоа е поради зголемените аеродромски операции кои ги имаме годинава, за што сме навистина среќни, се разбира откако претходно бевме силно погодени од ковид-кризата, која силно ја погоди целата воздухопловна индустрија ширум светот. Македонските аеродроми се движат кон своите највисоки нивоа на патнички сообраќај, бидејќи сé повеќе луѓе патуваат со авион, вели во интервју за „Локално“ новиот генерален директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

При споредбата на работењето со другите аеродроми во земјите од Западен Балкан, Курт вели дека не може да се  споредува со бројот на патници на другите аеродроми во регионот, бидејќи сите аеродроми функционираат во различни економии, имаат различни големини/капацитети, различен модел на управување/сопственост и различни географски позиции во регионот, што во голема мерка ја насочува стратегијата за развој на мрежата со авиолинии.

-Она што можеме да го кажеме за другите аеродроми во Западен Балкан е дека – Македонија беше првата земја што доби концесионер, странски инвеститор што инвестираше во нови аеродромски капацитети и модернизирани операции, вели Курт.

Во однос на тоа дека граѓаните често се жалат на малиот број на дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, новиот директор на ТАВ посочи дека работат многу напорно да привлечат нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од двата македонски аеродроми и да отворат нови дестинации кои ќе бидат корисни за македонските граѓани.

-Би сакале повторно да ги воспоставиме дестинациите како што се Доха и Дубаи, кои беа запрени од Qatar Airways и FlyDubai за време на кризата со ковид-19. Работиме кон остварување на оваа цел, за што имавме средби и преговори со авиокомпаниите, поддржани од амбасадите во овие земји, но одлуката секогаш ја носат авиокомпаниите, истакнува тој во интервјуто.

 Мојата главна цел ќе биде да обезбедам непречено функционирање на двата аеродроми во ситуација со високо зголемен авиосообраќај и да го одржиме високото ниво на задоволство на клиентите што го имаме, а тоа се докажа со наградата ASQ (Airport Service Quality) што ја добивме од Меѓународниот Совет на Аеродроми за 2022 година, по 8-ми пат. Бевме наградени како најдобар аеродром во нашата големина – од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот на Европа и тоа е голема мотивација за нас да продолжиме на истата патека – со нашата посветена работа да создаваме удобно аеродромско искуство со високо ниво на квалитет на услугите за нашите патници.

Што се однесува до новите дестинации, работиме на привлекување авиокомпании кои ќе летаат до нови ексклузивни дестинации, но, како што веќе реков, конечната одлука секогаш ја носат самите авиокомпании. Штом имаме конкретна информација на оваа тема, ќе ја информираме јавноста.