Лабораториите за нафтени деривати од регионот ги применуваат европските стандарди

24

Како до поголема соработка и поедноставно следење на најновите технички достигнувања во делот на лабораториите за нафта е главната тема на 7-миот Регионален Симпозиум на лабораториите за нафта и нафтени деривати. На Симпозиумот присуствуваат 65 претставници од над 30 лаборатории и други организации и институции од регионот.

Организатори на овогодишниот,седми по ред Симпозиум се најголемите домашни компании во нафтениот сектор, ОКТА и Макпетрол. Покрај лабораториите кои функционираат во состав на ОКТА и на Макпетрол, на настанот учествуваат и лаборатории од Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија ,Албанија, Косово, Унгарија, а за првпат има и претставници од Грција. За време на настанот се одржаа повеќе предавања, дебати и дискусии преку кои се споделија знаења и искуства за најновите трендови и техники во анализата на квалитетот на нафтата и нафтените деривати. Сето ова ќе придонесе за оптимизирање на работата на лабораториите и ќе овозможи повисоко ниво на квалитет на услугите кои тие ги нудат.

“Лабораториите постојано се наоѓаат пред различни предизвици, како намалување на трошоците на работење, испитување на својствата на добиените производи според сè построгите европски методи и стандарди, следење на најновите технички достигнувања во производството на лабораториска опрема, апарати и инструменти и нивно одржување, следење и примена на законските регулативи за заштита на животната средина. Овој симпозиум ни помага заедно и полесно да се соочиме со овие предизвици“, изјави Ице Рикалоски, директор на Дирекцијата за оператива во ОКТА АД Скопје.

Лабораториите од регионот желбата за соработка ја покажаа и преку спроведување две заеднички испитувања на два различни нафтени деривати, на исти примероци и споредба на добиените резултати, применувајќи ги европските стандарди. На тој начин и помалите лаборатории добија можност дополнително и без големи трошоци да ги проверат своите методи, резултати, апарати и оператори. Неколку лаборатории од регионот учествуваа во проекти за заштита на животната средина, спроведени од светски институции, преку контрола на квалитетот на нафтените деривати кои се пуштаат во промет на пазарот.