Лабораторијата на Окта со меѓународен сертификат за врвен квалитет за анализа на горива

44

Лабораторијата на Окта доби меѓународен сертификат кој претставува потврда за високото ниво на квалитет и прецизност со кое се вршат испитувањата на нафтените деривати. Со сертификатот, кој го доделува реномираниот и глобално ценет Институт за интерлабораториски студии од Холандија, испитувањата и перформансите на лабораторијата на Окта се оценети со највисока оцена, стои во соопштението.

Предмет на анализата преку која е утврден квалитетот и е дадена оценката беше млазното горивото JetFuel A1 при што се анализирани 15 параметри на горивото и сите предадени резултати беа оценети како точни и прецизни. Лабораторијата на Окта очекува уште едно вакво признание и за дериватот бензин каде беа анализирани 14 параметри. Сертификат со одлична оцена, лабораторијата доби и во 2017 година кога беа анализирани параметри на примероци од дизел гориво.

Лабораторијата, во која се врши редовна контрола на квалитетот на горивата, е опремена со најсовремени апарати и применува 50 меѓународно акредитирани методи. Почнувајќи од 2006 година, кога е добиен првиот сертификат за акредитација од Институтот за акредитација на Република Македонија, лабораторијата функционира независно и врши анализи за голем број институции и компании од државата и од странство.

Како резултат на високите перформанси на лабораторијата и капацитетите за правење детални анализи, компанијата Окта веќе четврта година во континуитет ја спроведува Програма гаранција. Станува збор за првата сеопфатна програма за контрола на квалитетот и количината на горивата која се прави со мобилна екипа на терен и со анализи во лабораторијата, со чија помош се потврдува квалитетот на горивата на сите бензински станици со брендот Окта.