Лабораторијата за текстилни материјали се користи и во комерцијални цели

46

Лабораторијата за испитување на текстилни материјали, која пред една година е инсталирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, е во тек на акредитирање, а од нејзиното отворање е постојано користена од академската заедница за научни истражувања, но и за потребите на компании кои произведуваат или увезуваат такви материјали.

Набавувачите ги користат услугите на лабораторијата за да го проверат составот на материјалот, дали тој одговара на потребите за кои е наменет и ги задоволува својствата и дали е соодветен на цената што им е понудена. За одреден надомест може да ја користи и секој граѓанин кој сака да провери текстилен производ ако се сомнева во неговиот квалитет или присуство на штетни супстанции. Лабораторијата се употребува и во научни цели за развој на нови производи.

Деканот на факултетот Александар Димитров соопшти дека лабораторијата е единствена за овој тип испитувања и карактеризација.

“Очекуваме побарувачката да биде уште поголема по добивање на акредитацијата”, рече Димитров,

Владата на РМ, преку Министерството за образование и наука (МОН), за опремување вложи околу 450.000 евра. Првото испитување во лабораторијата бил текстилот за новиот театар и таа помогнала да се избере сценска завеса со перформанси што одговараат на таква установа – завесата да не биде претешка за механизмот и да биде отпорна на горење.