Лабудовиќ: Македонија е подготвена да стане стратешка транзитна точка за гас кон Европа

Македонија е подготвена да стане стратешка транзитна точка за гас кон Европа. Ваква порака упати заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, кој ја предводеше македонската делегација на 11-та министерска средба на Советодавниот совет за Јужниот гасен коридор (SGC) и 3-та министерска средба на Советодавниот совет за Зелена енергија, што се одржа во Баку, Азербејџан.

„До крајот на годината започнуваме со изградба на нов гасовод кон Грција, што ќе нè поврзе со Трансјадранскиот гасовод и ќе овозможи директен пристап до алтернативни извори на снабдување“, истакна Лабудовиќ во своето обраќање. Тој нагласи дека ова не е само инфраструктурен проект, туку клучен чекор за зацврстување на позицијата на Северна Македонија како сигурен партнер во европските енергетски стратегии.

На маргините на конференцијата, заменик-министерот Лабудовиќ и раководителот на секторот нафта и гас во Министерството за енергетика, Горан Николовски, остварија средби со претставници од Азербејџан, ЕУ и членови на присутните делегации од 24 земји, 7 меѓународни финансиски институции и 42 енергетски компании, со кои во фокусот на разговорите беа унапредување на соработката во областа на природниот гас, обновливите извори и борбата со метанските емисии.

„Гасната соработка со Азербејџан е директен придонес за намалување на зависноста и обезбедување на алтернативни извори на снабдување со цел стабилност на европскиот пазар. Северна Македонија е подготвена да биде дел од решението“, заклучи Лабудовиќ.

Од министерството потсетуваат дека Јужниот гасен коридор беше инициран од Европската комисија во 2008 година како дел од напорите за намалување на зависноста на Европа од рускиот гас и зголемување на диверзификацијата на снабдувањето.

Коридорот од Азербејџан до Европа ги вклучува SCPX, TANAP и TAP, со вкупна инвестиција од околу 35 милијарди американски долари. Главниот извор на снабдување е гасното поле Шах Дениз во Каспиското Море.

Фото: Pixabay