Лада ќе лансира 12 нови модели до 2030

Руски АвтоВАЗ ќе лансира вкупно 12 новитети до 2030 година.

Ова го соопшти шефот за маркетинг на производи Сергеј Корниенко на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

„Во нашата стратегија до 2030 година, предвидуваме лансирање на вкупно 12 нови модели, вклучително и длабоко рестилизирање на сегашната линија на производи“, нагласи тој.

Ова ќе му овозможи на АвтоВаз да продава по еден милион нови автомобили годишно до крајот на деценијата. Во интервју за ТАСС, шефот на АвтоВАЗ, Максим Соколов, нагласи дека наведеното сценарио е оптимистичко, но резултатот сепак ќе зависи од побарувачката на пазарот.

Соколов потврди дека лансирањето на 12 нови производи „во следниот период на стратешко планирање“ е одлука која е веќе договорена и одобрена од бордот на директори. „Веруваме дека целта од еден милион возила може да се постигне“, додаде тој.

Што се однесува до плановите за производство за 2024 година, АвтоВАЗ има намера да произведе околу половина милион автомобили. А во 2025 година „обемот на производство ќе биде значително поголем“.

Соколов потврди дека во следните пет години ќе престане производството на моделот Лада Грант, кој денес останува најприфатливиот и најпопуларниот производ на АвтоВАЗ. Него ќе го замени Искра.

АвтоВАЗ деновиве го претстави прототипот на својот нов автомобил „Лада Искра“, кој ќе започне со производство од почетокот на 2025 година, а според првичните проценки ќе чини 1-1,2 милиони рубљи (10.235 до 12.285 евра). Почетокот на продажбата на Лада Искра е закажан за февруари 2025 година.

Фото: facebook