Lada Niva добива нова и модерна опрема za 2024

240

И покрај тоа што постои од 1977 година, Лада сè уште го произведува спартанскиот теренец Niva кој добива ажурирање за 2024 година

Слично како што Toyota подготви освежување за Land Cruiser Серија 70, така и Lada Niva одбива да се повлече од сцената. И покрај тоа што постои од 1977 година, Lada сè уште го произведува легендарниот спартански теренец, кој сега добива ажурирање за 2024 година.

 

 

Едно од големите ажурирања што ги враќа AvtoVAZ се антиблокирачките сопирачки. Иако делува чудно што вакво нешто се спомнува во 2023 година, сепак Lada беше принудена да го исфрли ABS од понудата поради санкциите кои беа наметнати врз Русија. Кога склопувањето продолжи во средината на 2022 година, Niva ги отстрани воздушните перничиња, ABS и другите основни карактеристики што автомобилите ги имаат со децении. Но сега се чини дека сето тоа е минато, бидејќи антиблокирачките сопирачки се враќаат во 2024 година и за класичната Niva Legend и за Niva Travel.

Инаку, кога станува збор за Niva Travel, треба да се напомене дека овој автомобил постои од 1998 година како VAZ-2123 пред да биде ребрендиран како Chevrolet Niva во 2003 година. Кога соработката GM-AvtoVAZ заврши во 2020 година, теренецот беше повторно ребрендиран како Niva Travel.

Niva исто така добива ажуриран мотор кој сега ги исполнува прописите на Euro 5, иако овој стандард постои од 2009 година. Да не заборавиме дека Еуро 6 беше имплементиран во 2014 година, а Еуро 7 треба да пристигне во 2025 година. Но, исто така треба да се напомене дека кога производството продолжи минатата година и до сега, Lada Niva имаше мотор кој го исполнуваше стандардот Еуро 2, кој беше воведен во 1996 година.

Опрема

Оние кои ќе изберат висококвалитетно ниво на опрема на Niva Travel ќе добијат голем број додатоци како темпомат (со ограничувач на брзината), патен компјутер, комплет инструменти со целосно позадинско осветлување и двобојни алуминиумски тркала. ESP исто така се враќа во понудата кон крајот на овој месец, според рускиот магазин Auto Pro News. Производството на двата модели со ажурирањата за 2024 веќе е започнато.

Како што може и да се очекува, цената забележува значително зголемување. Претходно, Lada Niva Legend започнуваше со 829.900 рубли (околу 8.500 евра), но најевтината сега е 927.500 рубли (околу 9.500 евра). Помодерната Niva Travel порано чинеше 1.198.900 рубли (12.245 евра), а сега започнува со 1.215.000 рубли (12.400 долари).

AvtoVAZ имаше намера да лансира целосно нова Niva во соработка со Renault. Го претстави концептниот автомобил уште во 2018 година, но иднината на тој модел делува неизвесно со оглед на тоа што Renault го продаде својот удел во AvtoVAZ во мај 2022 година.

Преземено од Avtoplus.mk