Шефицата на ЕЦБ: Криптовалутите се користат за избегнување на санкциите воведени кон Русија

79

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард во вторникот изјави дека криптовалутите се користат за избегнување на санкциите воведени кон Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Крипто средствата секако се користат за да се избегнат санкциите“, рече Лагард во обраќањето на самитот на Банката за меѓународни порамнувања (БИС).

Банката за меѓународни порамнувања е меѓународна финансиска институција во сопственост на централни банки која „промовира меѓународна монетарна и финансиска соработка и служи како банка за централните банки“.

Лагард истакна дека конверзијата на руската рубља во криптовалути е во пораст, додавајќи дека е на највисоко ниво од мај 2021 година.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 14 март рече дека официјалните лица работат на спречување на Русија и нејзините елити да користат криптовалути за да ги заобиколат западните санкции.

Криптовалутата е вид на дигитални пари. Работи врз основа на криптографски алгоритми. Ги има сите карактеристики на вистинска валута, освен што авторитетот на државата не стои зад нив и тие постојат само во електронска форма.