Лагард предвидува силно економско закрепнување

42

Една од највлијателните личности во светот на финансиите, Кристин Лагард, најави силно економско закрепнување на еврозоната во тековниот квартал, што завршува на крајот на септември. Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) најави и дека банката внимателно ќе го следи влијанието на апресијацијата на еврото врз среднорочната перспектива на инфлацијата.

“Податоците што ги добивме од последниот состанок за монетарната политика во јули, укажуваат на силно закрепнување на активностите што се совпаѓаат со нашите очекувања“, рече Лагард.

ЕЦБ малку ја подобри проценката за растот за 2020 година и сега очекува БДП да падне за 8%, во споредба со прогнозата од јуни кога предвидуваа пад од 8,7%. Кога станува збор за следната година, се проценува дека БДП ќе порасне за 5%, додека во 2022 година ќе порасне за 3,2%, пренесува CNBC.

Она што Кристин Лагард го посочува како значајно е фактот дека домашната побарувачка во еврозоната закрепнува. Иако периодот што следи е сè уште неизвесен, судејќи според нејзините зборови – најлошото помина.

Фото: Freepik