Она што беше најавено пред неколку дена сега доби официјализација, откако Lamborghini ја претстави современата верзија на својот култен модел Countach
Наречен Countach LPI 800-4, Lamborghini го претстави новиот продукциски хиперавтомобил со ограничена серија и е дизајниран со цел да му одаде почит на еден од најлегендарните модели во историјата на италијанскиот производител. Токму на време за 50-годишнината на автомобилот, LPI 800-4 го слави оригиналниот дизајн, а притоа користи модерна технологија од Sian FKP 37, кој пак е базиран на Aventador.
И додека пропорциите на Aventador очигледно забележливи и не толку во согласност со оригиналниот Countach, карбонските панели на телото од LPI 800-4 се целосно нови, евоцирајќи ја есенијата на приказната на Countach која се протегаше речиси две децении.
Како и сите модерни Lamborghini суперавтомобили кои ја добиваа улогата на „знаменосци“ во понудата, така и овој Countach LPI 800-4 ја добива препознатливата форма, аголните површини и секако препознатливите „Ламбо врати“. На крајот на краиштата, сите овие карактеристики беа за првпат претставени со Countach LP500 прототипот дизајниран од Марчело Гандини во 1971 година кога работел за Bertone, а беа пренесени на продукцискиот LP400 кој беше лансиран во 1974 година.
Детали кои потсетуваат на оригиналнот Countach
Предниот дел со своите трапезоидни фарови, рамниот нос и правоаголните отвори за воздух се потсетник на LP5000 QV моделот од 1985 година, една од подоцнежните верзии на Countach. Истото важи и за шестоаголните сводови над тркалата а автомобилот е поставен на 20 и 21-инчни тркала со ретро изглед.
Шестоаголните задни светла се позајмени од Sian, но остатокот од задниот дел има посензибилен пристап интегрирајќи карбонски дифузер, издувен систем со четири завршетоци и кратко исечен заден браник кој открива голем дел од широките задни тркала. Нема фиксирано задно крило, а иако Lamborghini не открива ништо за активната аеродинамика, изгледа како автомобилот да има сокриен активен заден спојлер.
Хибриден систем
Како што може да се претпостави по дизајнот, Countach LPI 800-4 ја споделува архитектурата со Sian FKP 37 кој беше претставен во 2019 година. Покрај карбонскиот монокок, исто така добива и V12 мотор со благ хибриден систем со нешто помала моќност од 814 КС кои се испраќаат на сите четири тркала.
Поконкретно, тука е вообичаено природно аспирираниот 6,5-литарски V12 мотор кој е надолжно поставен и испорачува 780 КС, а работи заедно со 48-волтниот електромотор кој додава дополнителни 34 КС и е лоциран внатре во седумстепениот автоматизиран мануелен менувач. Исто како и кај Sian, енергијата од регенеративниот сопирачки систем кој се складира во суперкапацитатор кој е полесен од традиционалната литиум-јонска батерија.
Lamborghini декларира дека спринтот од нула до „стотка“ се стигнува за 2,8 секунди, за до 200 км/ч се потребни 8,6 секунди, а максималната брзина е 355 километри на час. Ова го прави Countach LPI 800-4 подеднакво брзо како Sian FKP 37 и нехибридниот Aventador LP780-4 Ultimae.
Уникатен ентериер
Кога станува збор за внатрешноста, управувачот и седиштата се исто како кај Aventador, додека контролната табла, вратите и централната конзола доаѓаат од Sian. Со цел да направат Countach да се разликува, дизајнерите на Lamborghini додадоа нови отвори за вентилација и нешто поинаков кожен трим за централниот тунел. Исто така, тука е нов 8,4-инчен екран на допир за инфозабавата, иако оваа единица изгледа доста слично како онаа кај Sian. Она што е дефинитивно уникатно за овој модел е Stile копчето кое иницира презентација на дизајнерската филозофија на автомобилот за „привилегирана публика“ како што Lamborghini ги нарекува возачот и сопатникот.
Презентацискиот автомобил има црвен и црн кожен ентериер кој зема инспирација од личниот Countach LP 400 S на Феручио – исто како и посветената Bianco Siderale нијанса на екстериерот. Секој сопственик ќе може да си го персонализира моделот дополнително со избор на цел опсег на бои за екстериерот и четири конфигурацици на ентериерот, плус дополнителни бои за патосниците, таванот и шевовите.
Автомобилот ќе биде произведен во само 112 примероци. Компанијата не откри детали околу цената, а првите испораки се очекуваат во првиот квартал на 2022 година.
Преземено од Avtoplus.mk