Директните странски инвестиции во Хрватска во 2013 година изнесувале 436,9 милиони евра, што е скоро 60% помалку од годината претходно, покажуваат прелиминарните податоци што ги објави вчера Хрватската народна банка (ХНБ), пренесуваат хрватските медиуми.
Директните странски инвестиции лани биле за 618,1 милиони евра помали во споредба со 2012 година или за 58,58%. Во 2012 година во Хрватска влегле 1,05 милијарди евра директни странски инвестиции, во 2011 година 1,1 милијарда евра, а во 2010 само 370 милиони евра.
Според статистиката на ХНБ, минатата година сопственичките инвестиции изнесувале 518 милиони евра, инвестициите кои се однесуваат на други вложувања (трговски кредити, кредити, валути и депозити) околу 139 милиони евра, додека кај задржаните заработки се забележува одлив во износ од 219,9 милиони евра.
Странците лани најмногу инвестирале во недвижнини, каде се слеале 185,3 милиони евра. Разгледувано по земји, најмногу странски инвестиции има од Холандија, во висина од 152,8 милиони евра, а потоа од Германија, 123,8 милиони евра. Најголем одлив се бележи во Унгарија, во висина од 171,3 милиони евра.