Лани повеќе од 40 отсто од Хрватите немале доволно пари за одмор, само три земји од ЕУ имаат полош просек

92

Лани 42 од сто Хрвати немале доволно пари за да одат на одмор, а според овој критериум само Романија, Бугарија и Грција биле полоши од Хрватска во Европската унија, пишува Вечерњи лист.

Последните податоци на Евростат покажуваат дека 7,6 отсто од Луксембуржаните и 10,2 отсто од Швеѓаните не можеле да си дозволат седумдневен одмор. Заедно со Луксембург и Шведска, најдобри се Финска, Холандија и Данска, каде 12 отсто од граѓаните не можат да си дозволат седумдневен одмор.

На дното на оваа листа се Романците, од кои дури 62,5 отсто можат само да сонуваат да одат на седумдневен годишен одмор, а заедно со Романија најлошо е во Бугарија и Грција каде 48,8, односно 43,8 отсто од граѓаните не можат да си дозволат да патуваат.

Седум дена патување годишно не можат да си дозволат 41 отсто од Унгарците, 34,2 отсто од Италијанците, 33,8 отсто од Словаците, 27,6 отсто од Полјаците, 18 отсто од Чесите, 16,7 отсто од Словенците и 13,8 отсто од Австријците.

Просекот на Европската Унија е 28,5 отсто.

Евростат ги објави овие податоци на барање на левичарската фракција во германскиот Бундестаг. Според сопствените изјави, 21,9 отсто од луѓето во Германија немале доволно пари за еднонеделен одмор во 2022 година.