Lexus го покажа идниот спортски ЕВ

90

Компанијата Lexus со неколку фотографии го прикажа својот концепт за иден електричен спортски автомобил кој е наследник на LFA

Во декември, Toyota и Lexus прикажаа широк опсег на возила кои се планирани за иднината, вклучително и целосно електричен спортски автомобил кој ќе биде духовен наследник на моделот LFA. Сега, Lexus објави нови фотографии и видеа за автомобилот, благодарение на кои добиваме подобар увид во она што не очекува во иднина.

Ова е далеку од целосен увид за она што Lexus го подготвува, но барем имаме можност да погледнеме поубаво како изгледа овој целосно електричен автомобил од сите агли. Јасни се паралелите со легендарниот LFA автомобил од пред 10 години. Моделот ја „симболизира иднината на Lexus брендот“, велат од компанијата, и ќе биде способен да стигне од место до „стотка“ за околу две секунди. Исто така ќе има и опсег на движење од 700 километри, благодарение на користењето на цврсти батерии, односно батериска технологија која користи цврсти електроди и електролити наместо течнен или полимерски гел од електролити кои се наоѓаат кај литиум-јонските батерии.

„Преку развојот на чисто електрични возила, Lexus ќе еволуира во бренд кој нуди опсег на возачки искуства, користејќи ги своите способности за развој на уникатни перформанси и усовршување на своите способности за правење производи кои се повеќе персонализирани во своите перформанси, квалитет и изглед“, велат од Lexus.

Најава за иднината

Автомобилот е дел од целосната постава која Lexus сака да ја лансира до 2030 година под својата визија за електрифициран бренд. Компанијата вели дека сака да ја искористи електрификацијата за да ја „зголеми радоста при возењето“ за сите свои купувачи и ќе понуди респонзивност која е веродостојна до намерите на возачот. Беспрекорно ќе ги поврзе забавувањето, управувањето и забрзувањето на возилото со возачот.

Претходно, Lexus изјави дека новиот електричен спортски автомобил ќе ја наследи „тајната состојка“ на LFA. Купе стилот на каросеријата јасно ја покажува намерата на Lexus за класичен и својствен спортски автомобил. Кога ќе се погледне од страна, може да се забележи колку всушност овој двосед е долг. Стрмната задна страна не поседува стакло и веројатно користи камери за да му се даде на возачот поглед на она што се наоѓа зад него. Тука се одважните задни светла кои се вградени во задното лице на моделот. Интересно, Lexus не го нарекува ова возило концепт. Не само тоа, туку возилото воопшто и не е именувано. Брендот едноставно го нарекува иден електричен спортски автомобил. Ако се суди според бројките кои Lexus ги најавува за спринтот од 0 до 100 км/ч, тогаш моделот многу веројатно ќе има и погон на сите четири тркала.

Lexus храбро чекори кон електрификацијата, а планот е да има широко портфолио на електрични модели во опсегот до 2030. Покрај овој модел, во декември беа прикажани уште седум електрични автомобили, вклучително компактни возила, SUV модели, кросовери, комбиња и пикап камионет.

Преземено од Avtoplus.mk