Реалноста низ призма на уметноста е темата со којашто уличното списание Лице в лице го одбележува својот мал јубилеј, 25-то издание, коешто од денеска е достапно за сите читатели на содржини чија цел е креирање подобро општество, стои во соопштението.
Во ваквиот поход, овој пат, на Лице в лице му си придружија и 14 македонски писатели, кои наменски создадоа дела во чиј фокус е односот кон болката на другиот. Сите тие се обединети во збирката раскази Тивка анестезија; за болката на другите, издание на Антолог, а идејата за нејзиното раѓање е на адреса на приредувачот и писател, Владимир Јанковски. Тој вели дека истата произлегла од сè поголемото ангажирање на голем број уметници на општествено важни теми.
“Во литературата во зависност од динамиката на книжевните и естетските преокупации, но и од општествените околности во кои одредена книжевност се создава, писателите на различен начин се поставувале кон стварноста што ги опкружува – од целосен презир кон политичкиот и општествениот ангажман до потребата преку литературата да се менува и обликува светот. Во Тивка анестезија писатели од поновата генерација пишуваат за некои од горливите прашања на современото општество. Оваа иницијатива ја поврзавме со Лице в лице, затоа што она што го прави оваа платформа целосно се поклопува со она што се наоѓа во самата суштина на иницијативата“, вели Јанковски.
Низ 14-те приказни, младите македонски писатели даваат одговор на прашањето: Дали сме анестезирани од чувството на емпатија, а публиката на Лице в лице ќе има можност, преку купон во списанието, да ја дополни својата библиотека со оваа книга, по цена од 150 денари, и да ја спречи опасноста да биде анестезирана од чувството на емпатија кон другите.
Половина од продажната цена ќе биде наменета за поддршка на програмите за продавачите на Лице в лице.
Колку македонската современа уметност третира актуелни теми и дилеми? Колку ја рефлектира реалноста? Создаваат ли нашите уметници политички мотивирана уметност, која ја преиспитува стварноста, ги следи ли чувствителните теми за македонското општество? И, колку, всушност, е важно да имаме уметност, која во фокус ги има актуелните општествени текови и предизвици? Ова се само дел од прашањата што ги отвора јубилејното, 25-то издание на уличното списание Лице в лице.
“Уметноста во времињата на криза има своја општествена одговорност. Таа има моќ да го гради поединецот. А за да се случи тоа, уметниците мора моќта што ја носат да ја поврзат со моментот во кој живеат. Но, и да го насетат и навестат новиот потенцијал што сака да се роди. Бидејќи ако ја одвоиме уметноста од нејзината морална, дидактичка, општествена функција, што останува од неа?“, прашува Климентина Илијевски, главна и одговорна уредничка на Лице в лице.
На кавер страницата на ова издание, во рубриката И јас читам Лице в лице, е наградуваната писателка Лидија Димковска.
Насловницата, пак, како и целиот дизајн на списанието, е дело на Зоран Инадески.
Инаку, и овој број на Лице в лице донесува портрет на продавачки, овојпат од Порака Неготино од Неготино, теми поврзани со социјалното претприемништво, образованието, инклузијата, животната средина, родовите прашања и многу други.