Лице в лице ја одбележува Меѓународната недела на продавачи на уличен печат

19

a11Со поддршка на дел од писателите од Или или, силни гласови на современата македонска литература, Ирена Јорданова, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски, продавачите на Лице в лице на Градскиот плоштад Македонија се вклучија во одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, што се прославува на глобално ниво во периодот од шести до 12 февруари, стои во соопштението.

Македонија, преку Лице в лице, (чиј издавач е асоцијацијата Паблик), како членка на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), чие седиште е во Глазгов, годинава по петти пат се приклучува кон одбележувањето на оваа значајна Недела. Во друштво на уште други 35 земји ширум светот, каде што се продаваат 110 улични весници и списанија, оваа Недела ја слави работата и ги прави повидливи продавачите на уличен печат, луѓе кои се борат со бездомништво, невработеност, сиромаштија и социјална исклученост.

“Се уверивме и лично, дека не е ниту лесно, ниту едноставно да се продава улично списание. Продавачите имаат навистина тешка задача во обезбедувањето на својот приход, и заслужуваат признанија за она што го работат“, велат писателите – поддржувачи, кои во чекор ги следеа нашите продавачи Анабела, Пепи, Ерџан и Хари, во процесот на продажба на актуелното издание на списанието.

Во знак на поддршка, вратите за продавачите ги отворија и неколку општествено одговорни компании, (НЛБ Банка, Фармахем и Елена Лука), како дел од акцијата Лице в лице на гости.

ИНСП брои дека, во секој момент има 10.000 продавачи на уличен печат во светот, а минатата година, повеќе од 27.000 луѓе заработиле продавајќи улични весници и списанија. Во овие бројки, Лице в лице придонесува со 40 продавач(к)и во шест градови во Македонија, од кои еден е вработен со полно работно време. Сите тие, продавајќи го списанието, не само што обезбедуваат приходи за себе и своите блиски, туку и се активно вклучени во општественото живеење.

Во светски рамки, пак, по овој повод на деветти февруари, во галеријата Лајтхаус во Глазгов, ќе биде отворена изложбата Незгрижени: сè уште бездомни, сè уште проблем. На поставката ќе бидат претставени насловни страници на улични списанија – членки на мрежата, а меѓу нив и насловницата на 19. број на Лице в лице, посветено на социјална правда. Освен насловници, на настанот ќе бидат споделени и приказни на продавачи на уличен печат, а целото случување ќе има и интерактивен карактер. Изложбата ќе трае до 9-ти април.

Меѓународната недела на продавачи на уличен печат се одбележува на сите страни на светот, и тоа најчесто преку вклучување на јавни личности, бизнис и политички лидери, познати филмски, музички и спортски ѕвезди, сите поддржувачи на мисијата на уличните списанија и весници.