Лидер со “маска“

192

Лидерот е личност која треба да го води својот тим и во време, но и во невреме. Неговата способност се согледува во начинот на којшто управува со времето, целите и потенцијалот на својот тим. Лидерот треба да знае да бодри, да критикува, но никогаш не осудува.

Сега, кога целиот свет е на “колена“ пред предизвикот наречен коронавирус, лидерите го имаат главниот збор. Не смеат да дозволат членовите на тимот да се обесхрабрат, исплашат и деморализираат од стравот што го носи ширењето на овој вирус.

Важно е отворено да се зборува за ситуацијата, да се согледа реалната слика, да им се излезе во пресрет на оние вработени кои се од ранлива група, за да се создаде силна рамка во одбрана на бизнисот.

За секој праведен лидер, луѓето не се само алатка за исполнување на целите на компанијата, туку суштества од крв и месо кои имаат свои амбиции, ставови и планови поврзани со компанијата. Тие треба да знаат како да се постават со своите вработени, да им даде јасно до знаење дека му се неопходни во борбата против економските предизвици што ги носи овој неекономски ризик.

Дури и кога се разгледуваат најлошите сценарија и најмрачните предвидувања, секогаш треба да имате умерен оптимизам, за да бидат вработените сигурни дека и во услови на криза ќе си ја задржат својата работа.

Доколку постои можност, испратете ги вработените да работат од дома, но тоа не значи дека треба да се оддалечите од комуникацијата. Напротив, направете некоја група преку интернет платформите и бидете во комуникација секојдневно. Освен за работата, обврските и активностите, вистинскиот лидер ги прашува вработените како се чувствуваат, дали се добри членовите од семејството и дали им е неопходна некаква помош.

На крајот на денот, лидерот не може без својот тим, но ако не им ги даде вистинските координати и за време на “бура“, тогаш вирусот може да значи “бродолом“ за бизнисот.

Фото: Pixabay