Линиќ: Го држиме дефицитот под контрола

27

slavko linicХрватска нема да може да го сведе буџетскиот дефицит во рамките на лимитот на Европската унија пред 2016 година, а ќе и треба повеќе време за да почне да го намалува јавниот долг, рече хрватскиот министер за финансии Славко Линиќ во интервју за Ројтерс.

Тој истакна дека Владата е подготвена да го засили темпото на реформи оваа и следната година, но хрватските структурни проблеми се предлабоки за да може брзо да се решат.

“Нашите пензиски фондови можат да обезбедат помалку од 50% од средствата потребни за исплата на пензии. Тоа е нашиот најголем структурен проблем и не може да се реши преку ноќ”, вели Линиќ.

Долгот на јавниот сектор сега е 54% од БДП, а се очекува да порасне на 57% до 58% во следните месеци, кога владата ќе ги консолидира долговите во здравството и бродоградежништвото. Со понатамошно задолжување на државата, јавниот долг може да пробие над 60% БДП, колку што се толерира во ЕУ.

Линиќ очекува економијата годинава да порасне 0,7%, иако повеќето аналитичари очекуваат пад на БДП петта година по ред. Министерот не верува дека еврото може да се воведе на “брза лента”, како што претходно изјави гувернерот на Хрватска народна банка, Борис Вујчиќ.

“Ќе ни требаат четири до пет години за да ги задоволиме критериумите од Мастрихт, па дури потоа можеме да размислуваме за еврото и приклучување кон еврозоната. Но, важно е дека го држиме дефицитот под контрола, така што не влијае на повлекувањето пари од европските фондови. Следната година ќе добиеме упатства од Комисијата за тоа што треба да сработиме. Нема да ни биде лесно, како ни на многу други членки чиј дефицит е над 3%. Нема да биде лесно да се состави буџетот за следната година”, вели Линиќ за Ројтерс, пренесуваат хрватските медиуми.