Нов логистички центар, инвестиција на компанијата Глобекс ДОО Скопје ќе се гради во индустриска зона Чојлија во општина Петровец.
Во центарот ќе бидат инвестирани милион евра и за почеток ќе бидат отворени 30 нови работни места.
Ова го најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по поставувањето на камен темелникот за изградба на центарот.
Планирано е објектот, што се гради на површина од 7.000 метри квадратни, да биде завршен во првиот квартал следната година.
“Инвестицијата дополнително ќе придонесе за општина Петровец и за Република Македонија. Предвидени се 30 вработувања во првата фаза, а вкупниот број на вработени што се планираат е 360”, изјави Јанакиески.
Во индустриската зона Чојлија досега се продадени 65 парцели, а според Јанакиески, за дел од планираните активности наскоро ќе бидат поставени камен темелници.
“Очекуваме уште неколку камен темелници во текот на оваа година, а најмногу во 2014. Воспоставивме специјален софтвер со кој во соработка со општините го следиме исполнувањето на роковите за предвидената изградба и очекуваме многу бргу за две до три години ова да стане вистинско градилиште и индустриска зона во која ќе работат илјадници луѓе не само од општина Петровец, туку и од околните”, рече Јанакиески.
Борче Митевски градоначалникот на општина Петровец очекува голем интерес од инвеститорите за оваа индустриска зона, во која се обезбедени потребните инфраструктурни услови.