
Германската авиокомпанија Луфтханза денес објави дека нејзината прилагодена оперативна добивка (EBIT) во вториот квартал од 2026 година се намалила за дури 56 проценти на годишно ниво на 383 милиони евра, а главните виновници за овој биланс се високите трошоци за гориво предизвикани од војната на Блискиот Исток и шестдневниот штрајк на пилотите напролет оваа година.
Луфтханза оствари приход од 11,1 милијарди евра од април до јуни, што е за осум проценти повеќе отколку во истиот период минатата година, објави Die Welt.
Нето добивката на Луфтханза, сепак, е само 123 милиони евра, што е пад од 88 проценти во споредба со претходната година.
Луфтханза обезбеди 80 проценти од своите потреби за гориво по фиксни цени, но скокот на цените на керозинот поради војната на Блискиот Исток ѝ донесе на компанијата дополнителни непланирани трошоци од 750 милиони евра.
Покрај тоа, шестдневниот штрајк на пилотите во април однесе уште 150 милиони евра од касата на германската авиокомпанија.
Оперативната маржа во вториот квартал од 2026 година изнесуваше 3,4 проценти, што значи дека Луфтханза задржа околу 3,4 евра оперативен профит за секои 100 евра приходи.
За споредба, една година претходно, оперативната маржа на Луфтханза беше околу 8,4 проценти, што укажува на значителен пад на профитабилноста.
Извршниот директор на Луфтханза, Карстен Шпор, го опиша изминатиот квартал како „исклучително тежок, обележан со кризи и геополитичка неизвесност“, но рече дека интересот на патниците останува висок.
„Глобалната побарувачка за патувања останува исклучително силна, особено во премиум сегментот и на линиите до Азија. Нашите инвестиции во нова опрема во кабината и дополнителни услуги почнуваат да се исплатуваат“, нагласи Шпор.
Поради послабите резултати, Луфтханза ја намали својата прогноза за целата деловна година и сега очекува оперативен профит во опсег од 1,7 до 2,2 милијарди евра, додека претходно веруваше дека ќе изнесува две милијарди евра.











