Луфтханза поради штрајковите со поголема загуба на почетокот на годината

10

Германската авиокомпанија Луфтханза во вторникот објави дека го затворила првиот квартал со значително поголема загуба, наведувајќи го бранот штрајкови како главна причина.
Нето загубата на групацијата во првите три месеци од годинава изнесува 734 милиони евра и е за 57 отсто поголема во однос на истиот период лани, покажува деловниот извештај.

Прилагодената оперативна загуба (прилагодена EBIT) изнесува 849 милиони евра и повеќе од тројно. Негативното влијание од бранот штрајкови на неколку групи вработени во групата како и вработени партнери изнесува околу 350 милиони евра, велат од менаџментот. Операциите на групата беа погодени и од проблемите во синџирите на снабдување и геополитичката нестабилност, додаваат тие.

Приходите се зголемени за пет отсто во однос на почетокот на 2023 година, на 7,39 милијарди евра, вклучително и 5,9 милијарди евра приход од прометот, за три отсто повеќе од лани. Во трите месеци заклучно со март, компанијата превезла повеќе од 24 милиони патници, 12 отсто повеќе од истиот период лани, покажува деловниот извештај.

Во вториот квартал, групацијата планира да ги зголеми расположливите капацитети на околу 92 проценти од нивото пред пандемијата, поскромно отколку што првично планираше, наведувајќи ги како причини понатамошни инвестиции во оперативната стабилност и одложените испораки на авиони. Тие ги потврдија позитивните изгледи за бизнисот ова лето.