Луксузниот британски хотел The Ritz е продаден по трет пат во својата 114-годишна историја, пренесува Forbes.
Непознат катарски инвеститор го купи хотелот од браќата милијардер Баркли. Договорот за продажба се поклопува со тоа што за прв пат во својата долгогодишна историја, хотелот на 27-ми март стави клуч на врата поради коронавирусот.
Иако не е откриена цената, некои информации покажуваат дека катарскиот инвеститор дал меѓу 975 милиони и 1,2 милијарди долари за The Ritz.
“Привилегија е да се стане сопственик на култниот Ritz Hotel и да се има можност да се надогради на неговиот стил и голема традиција“, изјави анонимниот купувач преку соопштение издадено од адвокатската компанија Macfarlanes.
Според новиот сопственик, додека трае кризата со Ковид – 19, главен приоритет ќе биде персоналот на хотелот, којшто преставува основа на долгата традиција на хотелот. Штом помине пандемијата, новиот сопственик планира повторно да го отвори хотелот и да ги претстави на јавноста долгорочните планови.
The Ritz беше во сопственост на браќата Фредерик и Дејвид Баркли од 1995 година.
Хотелот располага со 136 соби, чија почетна цена е 794 долари за една ноќ, па сè до скоро 7.300 долари.
Фото: Facebook