М-НАВ: Отворена е истрага за безбедносниот настан на небото над Скопје на 7 септември

Во пропишаниот рок, поднесена е пријава за безбедосниот настан на небото на Скопје што се случи на 7.месецов и отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините, информира денеска Давателот на навигациски услуги М-НАВ,  по објавите за избегнат инцидент со судир на два авиона.

Од М-НАВ потенцираат дека таквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија.

– На 7 септември во 18,30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор.

Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство.

Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот.

Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури, наведе М-НАВ во соопштение.

Претходно од АЦВ за МИА потврдија  постапуваат по настан пријавен од Давателот на навигациски услуги М-НАВ.

-Давателот на навигациски услиги М-НВ уредно го пријави настанот  и АЦВ ќе постапи по истиот,  изјавија од АЦВ. Порталот СДК.мк, повикувајќи се на сајтот за следење летови Флајтрадар24, објави дека авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18,32 часот.

– Станува збор за авионот на „Туркиш ерлајнс“ на летот ТК1358 од Мадрид за Истанбул и авионот на „Санекспрес“ од турскиот крајбрежен аеродром Даламан за Лондон – Гетвик.

Според Флајтрадар24, 30 секунди пред да се разминат двата авиона биле на иста висина од 36,000 стапки.

Непосредно пред да се разминат, едниот се кренал на 36,325 стапки, а другиот се спуштил на 35,475 стапки.

Според правилата на авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2,000 стапки вертикална далечина, пишува порталот .