
Европската Унија подготвува нови правила за производство со кои приоритет ќе им се дава на производите „Made in EU“, што отвора значајни прашања за македонската економија.
„За да дадеме целосна оценка за ефектот, треба најнапред да знаеме како ќе бидат дефинирани конечните правила. Затоа е многу важно Македонија навреме да го следи процесот и да обезбеди земјите кандидати со договори за слободна трговија со ЕУ да не бидат непотребно ставени во понеповолна позиција“, вели во разговор за „Локално“, поранешниот министер за финансии и познавач на состојбите, Кирил Миноски за фактот дека Европската Унија подготвува нови правила со кои при јавните набавки и користењето јавни средства ќе се дава поголема предност на производи направени во Европа. Планот треба да ја зајакне европската индустрија во услови на силна конкуренција од Кина, но начинот на кој ќе бидат третирани земјите надвор од ЕУ сè уште не е договорен.
Запрашан дали „Made in EU“ за Македонија е економска шанса или нова пречка за македонските производители, Миноски истакнува дека ова може да биде и голема можност за Македонија како географски блиска земја со силно поврзана економија со ЕУ, доколку Европа сака да ја намали зависноста и да ја диверзифицира понудата и синџирите на снабдување, преку т.н. „nearshoring“, односно префрлање на дел од производството во поблиски дестинации до европскиот пазар, вклучително и кај нас.
Според него, доколку земјите-кандидати бидат опфатени со одредениот режим на „Made in EU“, тоа може да биде од полза и за македонските производи.
-Македонските компании, пред сè во автомобилската индустрија, и сега во голем дел се вклучени во европските производни синџири. Ако европските компании сакаат посигурни и поблиски добавувачи, тогаш преку „nearshoring“ Македонија може да биде една од тие дестинации, објаснува економистот.
Оценува дека доколку нашите компании бидат исклучени од „Made in EU“, во тој случај ќе има последици, но тешко е однапред да се каже колкава би била загубата.
-Затоа е неопходно Македонија внимателно да ги следи случувањата и да реагира пред правилата да бидат донесени, вели Миноски, додавајќи дека македонските компании кои веќе се дел од европските производствени синџири можат да ја искористат оваа промена.
-И тука ја гледам една од најголемите можности. Доколку европските компании сакаат да ја намалат зависноста од далечни пазари, дел од производството може да го преселат на Балканот, поблиску до Европа. Со оглед на нашата близина до европските пазари, треба да ја искористиме нашата позиција. Воедно треба да настојуваме да привлечеме производство, преку кои би добиле трансфер на технологија и знаење, како и поголемо вклучување на домашните компании во синџирите на добавувачи, порачува Миноски.
Фото: Gemini











