Мака мачат да вработат програмери, машински и градежни инженери, лекари, информатичари…

358

Работодавачите се соочуваат со одредени потешкотии при обезбедување на соодветен кадар за пополнување на слободни работни места за следните занимања: програмер, машински инженер, градежен инженер, доктор по општа медицина, информатичар, инженер технолог, машински техничар, медицинска сестра… покажа Анкетата за потреба од вештини на пазарот на трудот во Македонија, спроведена во октомври минатата година.

Како најчести причини со коишто работодавачите се соочиле со потешкотии при обезбедување на кадар од овие занимања, ги навеле: недостаток на интерес и мотивација на кандидатите за извршување работни задачи во конкрентното занимање, недостаток на кандидати кои поседуваат практични знаења и вештини потребни за извршување на работните задача, недостаток на кандидати за вработување со соодветно работно искуство, недостаток на кандидати кои би прифатиле работа за понудената плата, недостаток на кандидати со соодветно образование.

На прашањето дали работодавачите вложуваат во обука на своите вработени, со цел зголемување и усовршување на нивните знаења, речиси 87% од анкетираните одговориле потврдно. Како даватели на обуки, работодавачите ги навеле и внатрешните и надворешните обучувачи (специјализирани центри за обука, консултантски фирми и слично).

При вработување на работници за одредени занимања, работодавачите ја нагласуваат потребата од кадар со работно искуство.

Во однос на потребата од дополнителни знаења и вештини што треба да ги поседуваат кандидатите за вработување, особено при вработување на кадар со високо образование, работодавачите ја нагласиле потребата од познавање на странски јазици, одлично познавање на работа со компјутери и поседување на соодветен сертификат за стекнатите знаења.

Фото: Freepik