Македонците потрошиле 65,3 милиони евра онлајн за само три месеци кон домашни онлајн продавници

28

Согласно податоците за бројот на реализирани трансакции во текот на првите три месеци од 2021 година, објавени на веб страната на НБРСМ, бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во текот на анализираниот период покажува дека растот на е-трговијата продолжува и оваа година. Во првиот квартал од 2021 година вредноста на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство, изнесува 86,6 милиони евра, што во споредба со истиот период 2020 година кога се реализирале 49,6 милиони евра претставува пораст за 74,6%.

Бројот на направените транскации во истиот период спрема минатата година забележува пораст од 65%, што значи дека вредноста на просечната трансакција е зголемена. Имено, во текот на првите три месеци од 2021 година реализирани се вкупно 3.228.182 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.954.957 онлајн трансакции во текот на првите три месеци од 2020 година, објави денеска Асоцијацијата за е-трговија.

Македонците потрошиле 65,3 милиони евра онлајн

Македонците во текот на 2021 година продолжуваат да ги ползуваат придобивките од онлајн купувањето и да ја зголемуваат довербата која ја имаат кон домашните е-продавници. Имено, во текот на првите три месеци од 2021 година Македонците со домашни картички потрошиле 65,3 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 125,8% (35,9 милиони евра) во однос на истиот период претходната година.

Ако се земе предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон е-продавници во Македонија (65,3 милиони евра), наспроти вкупната вредност на онлајн плаќања (86,6 милиони евра), може да се заклучи дека 75,4% од вкупната вредност на трансакциите се насочени ком домашните компании.

“Е-трговијата повеќе не е избор туку неопходност за компаниите да остварат раст и да достигнат до нови клиенти. Пандемијата уште повеќе го нагласи тоа и се повеќе домашните компании се адаптираат отварајќи нов канал за продажба – онлајн. Купувачите од друга страна стекнуваат дигитални вештини и ги менуваат навиките, што се рефлектира и преку трицифрениот раст од 126% во вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци. Растат дигиталните вештини, довербата во домашните е-продавници, е-трансакциите и домашната понуда. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и понатаму, како што и Асоцијацијата за е-трговија ги продолжува напорите, иницијативите и активностите со цел креирање поволна клима за забрзан раст на е-трговијата во земјава,”  вели Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Во Македонија заклучно со 31.03.2021 година активни се 1.552 витруелни ПОС уреди

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.03.2021 година во Република Северна Македонија активни се 1.552 продажни места. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.  За период од три месеци во текот на 2021 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 93 новоотворени.

Споредбено со 31.03.2020 година кога бројот на активни е-продавници изнесувал 1.029, можеме да заклучиме дека за една година отворени се вкупно 523 нови е-продавници што претставува пораст од 51%, објави Асоцијацијата за е-трговија.

Фото: Pixabay