Македонија 12-та земја во светот според Doing Business

38

doing business 2016

Македонија е 12-та земја во светот за водење бизнис, покажува извештајот на Doing Business за 2016 година.

Земјата, според извештајот, се истакнува во неколку области за олеснување на работењето. Македонија, како што се наведува, продолжи во поедноставување на процесот за започнување бизнис преку воспоставување задолжителна онлајн регистрација. Како резултат на тоа, земјата сега е втора најдобро рангирана глобално од областа Започнување бизнис.

Во светски рамки, петте земји каде што е најлесно да се води бизнис се Сингапур, Нов Зеланд, Данска, Кореја и Хонг Конг.

Од друга страна, на дното од листата се најдоа Еритреа, Либија, Јужен Судан, Венецуела и Централно Африканска Република. Во овие пет земји има најлоши услови за водење бизнис од вкупно 189 земји во светот.

Од земјите во регионот, Македонија е најдобро рангирана, а зад неа се најде Словенија на 29-то место. Потоа следи Бугарија на 38-ма позиција, зад неа е Црна Гора којашто е на 46-то место. Србија забележа скок од неколку позиции, достигнувајќи го 59-тото место, Косово е 66-та земја во светот според Doing Business. Босна и Херцеговина и Албанија се подолу рангирани на 79-то, односно 97-мо место.