Македонија 33-та во светот по одржлив туризам

45

Над 66% од луѓето ширум светот сакаат позитивно да влијаат на околината со секојдневното делување оваа година, се наведува во извештајот Топ земји за одржлив туризам на глобалната компанија за истражување на пазарите, Euromonitor International.

Според извештајот, скандинавските земји се лидери по своето ангажирање и напредок кон одржливи патувања. Лидер во светот по одржлив туризам е Шведска, а по нејзе следат Финска, Австрија, Естонија и Норвешка.

Во анализата на Euromonitor International се прави анализа на 99 дестинации во земјите преку еколошка, социјална и економска одржливост, како и ризиците што ги носат земји, одржливата туристичка понуда, превоз и сместување.

Од земјите во регионот, највисоко е позиционирана Словенија (10-та), а по нејзе следат: Хрватска (13-та), Грција (32-ра), Македонија едно место подолу, Србија (38-ма), Бугарија (39-та), Босна и Херцеговина (50-та).

Од вкупно 99 земји, на дното на листата се најдоа: Пакистан, Индија, Маурициус, Виетнам и Мароко.

Македонија се најде и меѓу земјите со најголема еколошка одржливост во 2020 година, позиционирајќи се на 38-мо место, а кога станува збор за социјалната одржливост во туризмот, земјава го зазема 47-то место.

Од Euromonitor International нотираат дека одржливоста не е нов концепт во туристичката индустрија, бидејќи за тоа се зборува веќе неколку децении, но дека во тој сегмент заостануваат патувањата, бидејќи само околу 55% од патничките и туристичките компании развиваат некаков облик на стратегија за одржливост.

Фото: Pixabay