Македонија 53-та земја во светот според економски слободи

21

makedonija ekonomski slobodi

Македонија освои 67,1 поени и се позиционираше на 53-то место во светот според економските слободи во глобални рамки, покажува Индексот за економски слободи, што годишно го објавуваат Wall Street Journal и фондацијата Heritage.

Целокупното рангирање на Македонија е намалено за 1,5 поени во однос на минатата година, а подобрување е забележано само кај борбата со корупцијата и трговските слободи, додека пад е забележан кај управување со државни трошоци, бизнис слободи, слобода на трудот и монетарна слобода.

“Транзицијата на Македонија кон пазарно ориентирана економија е олеснета со релативно високото ниво на социјална и политичка стабилност, што ѝ помага на економијата да ги спроведе потребните реформи. Во текот на изминатите пет години, економските слободи на Македонија напредуваа со 1,1 поени“, стои во извештајот.

Македонија се најде во групата на земји со умерени економски слободи. Зад Македонија се најде Бугарија на 55-то место, на 63-то место се позиционираше Албанија, додека на три позиции подолу се најде Црна Гора. Од земјите во регионот, Турција е на 70-то место, потоа следат Хрватска и Србија на 81-во односно 90-то место. Босна и Херцеговина е на 97-мо место, додека Грција се позиционираше на 130-то место.

Според Index of economic freedom, пет најдобро рангирани економии се Хонг Конг, Сингапур, Нов Зеланд, Австралија и Швајцарија.

На дното на листата се најдоа земјите со најмалку економски слободи, а меѓу нив се Еритреја, Зимбабве, Венецуела, Куба и Северна Кореја.