Македонија 66-та земја во светот според индексот на корупција во 2015

86

korupcija 1

Македонија е 66-та земја во светот според индексот на корупција за 2015 година, покажува извештајот на Transparency International.

“Во 2015 година индексот за перцепција на корупцијата покажува дека таа е присутна насекаде во светот. Но, 2015 беше година во којашто луѓето ширум светот излегоа на улиците да протестираат против корупцијата, испраќајќи силен сигнал до оние кои се на власт“, изјави Хосе Угас, претседател на Transparency International.

Според извештајот, петте земји во светот кои се “најчисти“ од корупцијата се: Данска, Финска, Шведска, Нов Зеланд и Холандија. На дното, пак, на извештајот се најдоа: Јужен Судан, Судан, Авганистан, Северна Кореја и Сомалија.

“Иако состојбата со корупцијата во некои од земјите од Европа и централна Азија е подобрена, општата слика е дека е целиот регион стагнира по ова прашање. Исто така, посебно загрижува нагласеното влошување во Унгарија, Македонија, Шпанија и Турција, каде сме сведоци на пораст на корупцијата…“, вели Ен Коч, директор на Transparency International за Европа и централна Азија.

Од земјите во регионот, според индексот на корупција, најдобро е позиционирана Словенија – 35. На 58-мо место се најде Грција, а подобра од Македонија е и Црна Гора којашто е на 61-во место. На иста позиција како и Македонија – 66, се најде и Турција. Три места подолу е Бугарија, Србија се позиционираше на 71-во место, додека Босна и Херцеговина е 76-та. Албанија и Косово се најдоа на 88-мо односно на 103-то место.