Македонија доби свој кириличен домеин .мкд

24

kirilicenDomen Република Македонија доби свој национален кириличен домен .мкд, со кој ќе се претставува во меѓународниот интернет-простор. Избран е од граѓаните преку интернет-анкета што ја спроведе Македонската академска истражувачка мрежа МАРНЕТ, а одобрен од Интерент корпорацијата за доделување имиња и броеви (ICANN).
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска оцени дека со кириличниот домен ќе се отвори нов простор за промоција на Република Македонија. Ќе се креираат повеќе македонски содржини на кирилично писмо, фактор што го следат многу глобални институции за развој на информатичкото општество. Ќе може да се регистрираат веб-страници на кирилично писмо. Ќе се регистрираат домени со наши карактеристични букви од нашата азбука како што се: љ, њ, ѓ, ж, џ, ч, ш, како на пример Ченто.мкд, Чаир.мкд, Љубаниште.мкд, Жабени.мкд и други.
“Со воспоставувањето на националниот кириличен домен во интернет-просторот направивме уште еден чекор во зацврстувањето на нашиот јазик и писмо што претставува само продолжување на големите дела на Македонците низ минатото”, рече на прес-конференција во Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков министерот Ивановски.
Македонскиот е петти регистриран кириличен домен во светот. Со кирилична верзија на домен на интернет, покрај Македонија се присутни Русија, Србија, Казахстан и Монголија. Гласањето за доменот заврши во јануари минатата година, а во избор беа предлозите: мкд, мак, рм, македонија, рмак и рмкд. За кириличниот домен .мкд гласаа 73% од учесниците во анкетата. Процесот за добивање на кириличниот домен почна со поставување барање до Интернет-корпорацијата за доделување имиња и броеви (ИЦАНН).