Македонија домаќин на меѓународен состанок на царински управи

22

73735-95099524574897452Од почетокот на годинава македонските цариници во соработка со полицијата спроведоа над 30 акции во кои беа запленети околу 800 килограми наркотички дроги.

Ова беше изјавено денес од страна на директорот на Царинската управа Ванчо Каргов.

Тој ги претстави активностите во борбата против нелегалната трговија пред учесниците на меѓународниот состанок на раководители на служби за разузнавање и истраги на царински управи од 40-ина земји од европскиот регион, членки на Светската царинска организација, чиј домаќин е македонската Царинска управа.

На состанокот главни теми се најновите трендови на криумчарење и методите за негово сузбивање. На дебатата учествуваат претставници од Светската царинска организација, Државниот царински комитет на Азербејџан, Централно-азискиот регионален, информативен и координативен центар за борба против илегалнта трговија со наркотични средства (CARRIC), на Федералната Царинска служба на Русија, на Службата за разузнавање на Италија и на Канцеларија за борба против организиран криминал на ОН.

“Се презентираат царинските активности во борбата за спречување нелегална трговија со наркотички дроги, фалсификувана стока и цигари, како и  со културно наследство, што во Македонија е многу актуелно”, изјави Каргов.

Според него, соработката и размената на информации помеѓу царинските служби со останатите институции  во и надвор од државите се многу важни за зајакнување на капацитетите за организирано постапување  при спречување на нелегалната трговија, како и информациите што може да ги даде бизнис заедницата.

“Ретко кој го претставува цариникот како некој што седи зад компјутер и прави статистика. За сите сликата на цариникот е човек кој води активна борба со шверцот и недозволената трговија со дрога и други активности”, рече директорот на Државниот царински комитет на Азербејџан, Ајдин Алиев.

Тој потенцираше дека е неопходно продолжување на соработката преку размена на информации и факти за најновите начини на криење наркотички средства и за новите  технолошки средства кои се употребуваат во борбата против нелегалната трговија.

Меѓународниот состанок на раководителите на службите за истраги на царинските управи продолжува и утре, кога ќе се одржи сесија за најновите стратегии во борбата против фалсификати.