Македонија го доби првиот прототип на паметни влошки што произведуваат електрична енергија

57

IMG_8603

Оваа година се одржа првиот климатски камп во Македонија, Од Тебе Зависи, којшто имаше за цел да ги поттикне граѓаните да ги промовираат своите идеи за тоа како може да се намалат штетните влијанија на климатските промени во урбаните средини.

Победничкиот тим доби 10.000 долари за револуционерните паметни влошки што генерираат електрична енергија за полнење батерии од најразлични гаџети како смарт телефони, таблети, лаптопи… Влошките во чевлите што генерираат електрична енергија се први од ваков тип во Македонија, а претставуваат иновативно решение што има за цел да ни помогнеме за да живееме во почиста и поздрава околина. Денеска влошките пред јавноста ги презентираше нашиот најдобар маратонец Кокан Ајдановски, кој трчајќи со паметните влошки успеа да го наполни својот таблет.

IMG_8540

“Во изминатите шест месеци напорно работевме во подготовката на прототипот, од набавка на материјали па сè до самата техничка изработка. Поминавме многу часови во лабораторија консултирајќи се со нашите ментори и поддржувачи за да успееме да ја реализираме нашата идеја. Среќни сме што успеавме да ги промовираме првите паметни влошки што произведуваат електрична енергија во Македонија. За нас ова е остварување на сонот, а чувството, кога гледаме дека нашата иновација денеска ја презентираме на јавноста, е навистина прекрасно. Се надеваме дека нашата иновација ќе најде секојдневна примена. Секој ќе може да си го наполни својот паметен телефон додека пешачи или спортува и притоа да заштеди и воопшто да нема потреба било кој од нас своите паметни гаџети да ги полни на струја. Кокан денеска успеа со трчање да си го наполни својот таблет компјутер“, изјави Мартина Димоска, претставник од победничкиот тим составен од Николчо Гошев, Александар Лазовски и Лорета Тодоровска.

IMG_8594

Климатскиот камп Од Тебе Зависи беше поддржан од Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Скопје, Шведската Амбасада, Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени спроведуван од Милиеуконтакт Македонија, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Министерството за животна средина и просторно планирање.