Македонија и Турција ќе соработуваат во областа на трудот

34

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и неговиот турски колега Фарук Челик денес во Анкара ќе потпишат договор за соработка од областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето.

Планирано е со договорот да се воспостави соработка во креирањето и имплементирањето на политиките во областа на трудот, вработувањето и социјалната сигурност што понатаму ќе придонесе за создавање на подобри услови за живот на граѓаните во двете земји.

Ќе се разменуваат искуства и знаења за тековните состојби во тие области и ќе се разгледуваат стратешките планови за во иднина, со цел долгорочно решавање на проблемите и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на Турција и Македонија, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Договорот ги опфаќа и темите права од работен однос, искоренување на детскиот труд, безбедноста и здравјето при работа на работниците, трудовата инспекција, политиките за вработување и следењето на развојот на пазарот на трудот, професионалната рехабилитација на лица со попреченост и социјалната сигурност.