Македонија ја интензивира соработката со Косово

23

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски денеска оствари средба со претседателот на Косовската комора за угостителство и туризам ОХТ (Oda e Hotelierisë dhe Turizmit të Kosovës), Хисен В. Согојева, заменикот на комората Скендер Тачи и претставник на туроператорите на Косово Фламур Бахтијари.

На средбата се зборуваше за интензивирање на соработката на полето на туризмот, превентивните мерки и предизвиците кои ги имаме во време на пандемијата со Ковид-19, но и за можностите за нови инвестиции во туристичкиот сектор. Зголемување на бизнис патувањата и турите низ градовите не беа изоставени како точки на средбата, а исто така и потребата од поголема промоција на туристичките потенцијали помеѓу овие две земји.

Еден од приоритетите за блиска иднина е воспоставување на туристичка зелена зона на непречено патување помеѓу двете земји, но и интензивирање на соработката преку овозможување на Б2Б средби на приватниот туристички сектор преку онлајн конференција помеѓу АППТ и Комората за угостителство и туризам на Република Косово.

Согласно оваа иницијатива и во насока на реализација на зацртаните планови, АППТ и Комората за угостителство и туризам на Република Косово во наредниот период ќе потпишат и меморандум за соработка, со што и официјално би ја отпочнале соработката.