Македонија како туристичка дестинација на саем за туризам во Косово

68

saem-na-kosovo

Фото: АППТРМ

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТРМ) по втор пат учествува на интернационалниот саем за туризам Travel Fair во Приштина, Косово, којшто се одржа на 20-ти и 21-ви април.

Интересот на индивидуалните туристи за туристички локации во Македонија е ставен на зимските капацитети, Скопје City tours, Кањон Матка и добро познатите дестинации Струга и Охрид.

За време на саемот, претставници на АППТРМ остварија состаноци со менаџерите на туристичките агенции In Tours и Sharri eco tour, со кои се разговараше за организирање на туристички пакети за Македонија во нивниот систем за резервирање и планирање на патувања.

За успешна туристичка размена и промоција на туристичките потенцијали од регионот на далечните пазари, но и за соработка на различни интернационални проекти за развој на туризмот во двете земји, како и за меѓуинституционална соработка посебно внимание изрази раководителот на сектор за туризам при Министерството за трговија и индустрија на Република Косово, Хисен Согојева.

Македонскиот штанд беше посетен од амбасадорот на Република Македонија во Косово, Илија Страшевски и градоначалникот на општина Струга, Мустафа Забзун. Оваа година туристичкиот производ на македонскиот штанд го претставија претставници од општина Струга и Хотел Скардус од Попова Шапка.

На овој настан, којшто се одржува по 14-ти пат туристичката понуда ја претставуваат околу 80-тина егзибитори и коегзибитори и истиот е посетен од околу 15.000 гости. Ваквите настани во земјите од регионот ја покажуваат цврстата верба во потенцијалот и ресурсите кои ги имаат за развој на туризмот и привлекување на туристи од далечни пазари, како и зацврстуцање на веќе постоечките.