Македонија ќе добие 103.200 вакцини против Ковид-19 преку Ковакс

63

Преку Ковакс механизмот во првата половина од годинава ќе бидат испорачани 337,2 милиони дози вакцини против Ковид-19, најмногу во земјите во развој.

Тоа ќе биде доволно за вакцинирање на речиси 169 милиони луѓе со двете дози, или речиси 3% од популацијата во 145 земји кои учествуваат во иницијативата.

Србија ќе добие најмногу во регионот – 345.600 дози, БиХ 180.000, Албанија 141.600, Северна Македонија 103.200, Косово 100.800 и Црна Гора 84.000.

Според табелата што ја објави Euronews, сите дози кои ќе пристигнат во Македонија ќе бидат од вакцината на AstraZeneca.

Ковакс очекува да подели 336 милиони дози вакцини кои ги развија AstraZeneca и Оксфорд во првите два квартали, повеќето произведени во Индија.

Во првиот квартал се очекуваат дополнителни 1,2 милиони од вакцината на Pfizer и BioNTech.

Според Ан Линдстранд од СЗО, испораките би можеле да почнат кон крајот на февруари.

Ковакс ќе покрие трошоци за набавка на вакцините за 92 сиромашни земји, додека другите ќе ги добијат по пристапни цени.

Земјите ќе добијат дози пропорционално на бројот на населението.

Најмногу ќе добие Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони).