Македонија ќе добие вакцини и од Австрија

160

Австриската влада одлучи 5% од вакцините кои ќе ги добие од Европската унија во шемата за вакцинацијата да ги одвои за земјите од Западен Балкан. Според планот на ЕУ, во Австрија треба да бидат алоцирани 24 милиони дози, што значи дека има доволно за двојното вакцинирање на девет милионската нација. Затоа Виена одлучи 5% од нив да одвои за шесте земји од нејзиното балканско соседство.

Тоа го соопшти австрискиот амбасадор во Македонија Георг Вуцас во новогодишната честитка до македонските граѓани.

“На новата 2021 година гледаме оптимистички. Австрија не само што ја поддржува Северна Македонија со итно потребните медицински средства. Австрија исто така ќе даде на располагање 5% од сопствените дози на вакцини против Ковид-19 за Западен Балкан. Европската унија не би била комплетна без интеграцијата на Западен Балкан. Токму затоа Австрија, во рамки на процесот на интеграција, максимално се залага за што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција во 2021 година“, рече Вуцас.

На 22 декември, министерот за здравство Венко Филипче во Софија со бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов инаку потпиша писмо за намери, откако Владата на Бугарија донесе одлука од секоја количина вакцини против Ковид-19 која стигнува во Бугарија, една одредена количина да биде наменета за македонските граѓани и тоа да биде во форма на донација. Исто така и Полска и Грција најавија дека ќе одвојат дел од своите вакцини за Македонија.

Фото: Freepik