Македонија ќе стане нова атрактивна дестинација за дигитални номади

296

Како Северна Македонија ќе стане атрактивна дестинација преку Програмата за развој на дигиталното номадство беше темата на која дискутираа: Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Себастијан Дијаз Меса, поранешен извршен Директор на Start-Up Chile, Саманта Миките, дигитален номад од Канада и Нина Николиќ ко-основач на Стартап Македонија.

Заклучокот од размената на искуства на интерактивниот вебинар Зошто дигиталните номади и стартап основачи треба да дојдат во С. Македонија е дека во ерата на дигитална економија која овозможува сè поголема слобода во начинот на работење, државава има голем потенцијал да привлече експерти од целиот свет. Дополнително, ковид кризата придонесува за зголемување на стапката на вработени кои работат од далечина, а со тоа и се зголемува и свеста за можностите и придобивките кои ги нудат овие луѓе.

“Особено сум горд што Р. Северна Македонија е една од ретките земји која ќе ги отвори вратите на дигиталните номади. Со стимулот која нашата земја го дава за нивен развој, ќе создадеме европски стандарди и услови за странските претприемачи да работат и живеат во земјата. Сега е ерата на дигиталните номади, кои ќе донесат огромни придобивки врз локалната економија како и шанса за соработка и вмрежување со македонските стартапи“, појасни директорот на ФИТР, Коста Петров.

Саманта Микит, која е дигитален номад од Канада и која изминатиот период има работено во државава, рече дека е фасцинирана од потенцијалот за развој и привлекување на дигитални номади. Таа преку своето искуство ги потенцираше придобивките кои дигиталните номади ги имаат со тоа што ќе одлучат да работат во нашата земја.

Себастијан Дијаз Меса, кој е поранешен извршен директор на Start-Up Чиле, смета дека ставањето на талентот во центарот е она што му овозможува на екосистемот да расте. Како што кажа, Чиле го докажа тоа, уште пред 10 години кога беше создаден Start-Up Чиле како најдобриот претприемачки екосистем во регионот.

Тој додаде дека Северна Македонија покажува уште поголем потенцијал, да се внесе разновидност во вашиот локален екосистем за зајакнување на претприемништвото и иновативноста, како клучни компоненти на современите економии.

“Со Стартап Македонија како асоцијација целосно ја поддржуваме иницијативата за дигитални визи за номади и дозволувајќи им на меѓународните експерти и осовачи на стартапи да имаат подолг престој во нашата земја и да создадат уште поголемо влијание во новата економија”,  рече Нина Николиќ, ко-основач на Стартап Македонија.

Неодамна беше формиран и Стартап Совет на ФИТР, на кој една од главните стратешки цели ќе биде креирање на долгорочна стратегија за привлекување на дигитални номади во Северна Македонија.

Фото: Pixabay