Македонија може да произведе доволно пченка со системот „капка по капка“

52

pcenka

Македонија може да го замени годишниот увоз од 62.000 тони со засадување нови 7.000 хектари пченка под систем за наводнување „капка по капка“ и современа агротехника.

Како што вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, со инвестиција од 17 милиони евра за седум години добивката според сегашните цени би изнесувала 128 милиони евра.

„Ваквата анализа ја презентираше Карл Ларкинс, координатор на Проектот на УСАИД што го спроведува корпорацијата Карана кај повеќе од 120 земјоделски производители во пелагонискиот, полошкиот, вардарскиот и североисточениот регион. Двегодишното искуство покажа дека со примена на системи „капка по капка“, совети од локални експерти, протоколи за наводнување и соодветни агротехнички мерки, се добиваат 13 тони на хектар пченка наспроти 4,8 со другите системи за наводнување. Производната цена од 12,5 е намалена на 4,1 денар за килограм”, појаснува министерот.

Земјоделците вклучени во овој проект добиваат бесплатна опрема и совети, а семенскиот материјал сами го набавуваат, односно го користат истото семе кое и досега го користеле на своите ниви.

„Меѓу приоритетите на Министерството е и рационалното користење на водите со изградба на нови и модернизација на постоечките хидро-мелиоративни системи. Во следните 10 години за оваа цел ќе бидат вложени 200 милиони евра преку Статегија со Акциски план. Покрај ова, се работи и на подобрување на други сегменти кои треба да го зголемат земјоделското произвоство по единица површина – окрупнување на малите и раситнети парцели, обука на фармерите и нивно здружување со цел земјоделството да биде прфесионална и доходовна дејност“, нагласува Цветков.

Подвлекува и дека Министерството поддржува проекти со кои земјоделците директно и преку сопствено искуство ги согледуваат финансиските и еколошките ефекти од напредната технологија.