Македонија на конференција на EBRD во Лондон

37

ebrd1 Македонскиот премиер Никола Груевски денеска во Лондон ќе учествува на конференција на тема Инвестирање во Западен Балкан, што ја организира Европската банка за обнова и развој (EBRD).

Предвидено е Груевски во своето обраќање да се осврне на соработката со EBRD, можностите и капацитетите за нејзино интензивирање, како и за стратешките инфраструктурни проекти на Владата во сферата на патната инфраструктура, изградбата на Коридорите 8 и 10, инвестициите во енергетиката, железницата и посветеноста кон привлекување инвестиции како механизам за обезбедување економски напредок на државата и перспектива за развој на регионот.

Конференцијата во Лондон ќе ја отвори претседателот на EBRD, Сума Чакрабарти, министерот без ресор во Владата на Обединетото Кралство Кенет Кларк, комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Штефан Филе. Покрај премиерот Груевски најавено е учество на премиерот на Хрватска Зоран Милановиќ, на Албанија Еди Рама, на Србија Ивица Дачиќ, на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со Советот на министри на БиХ Вјекослав Беванда.

Меѓу темите за кои ќе се дискутира на конференцијата се диверзификација на енергија во Западен Балкан, улогата на новите извори и патишта за снабдување, инфраструктура во услови на рестриктивен буџет и улогата на приватниот сектор како и можностите за трговска интеграција на регионот.

Се очекува на истата конференција на тема Македонски модел за подобрување на бизнис климата да се обратат вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.

Според најавата, тие ќе се осврнат на моделот кој се воспоставува за развој на бизнис климата, а ќе ги потенцираат и образложат реформите и механизмите кои Република Македонија ги презема за привлекување инвестиции, поволниот даночен пакет, погодностите за инвестирање во развојните зони кои го сочинуваат македонскиот модел за подобрување на бизнис климата.