Валандовско слатко од диви смокви, сирење од мавровско – реканскиот регион, рчели (тиква варена во маџун) од Тиквешијата, собра грав од Струмичко, колешински кикиритки и буковска пипер од Малешевијата, се производите што Македонија ќе ги промовира на 9. меѓународен саем за традиционална храна Салон дел густо и 5. конференција Тера Мадре во Торино.
Во фокусот на двете манифестации кои се одржуваат истовремено, од денеска до 27-ми октомври, е семејното земјоделство. Како што јави известувачот на МИА, се очекува учество на преку 900 изложувачи од целиот свет меѓу кои и сточари од Кенија и Сибир, одгледувачи на овошје од Калифорнија и Перу, рибари од Холандија и Кореа…
Според програмата, ќе се одржат повеќе од 80 работилници, дебати, презентации, обуки, предавања за вкусовите, за разликите меѓу природната, бавно подготвена и брзата храна.
Посебен дел е посветен на т.н. Арка на вкусови каде што се раскажуваат индивидуални приказни за потеклото, начинот, квалитетот и за приготвувањето на прехранбените производи, нивното влијание врз културата, историјата, обичаите, навиките, менталитетот.
Посетителите ќе може да дегустираат и разни пијалаци, специфични за поднебјето од каде што доаѓаат изложувачите, предвидена е посебна Соба за пиво, која ќе нуди белгиски, шпански, британски, германски, скандинавски и новозеландски пива, претставени ќе бидат и Слоу фуд вредностите во светот на брзата храна и Глобалното движење за едукација за храна, Миланскиот протокол: Политика за храна 2015, а најавена е и проекција на наградениот документарен филм за семејно фармерство По зимата, пролет.
Термин е одвоен и за т.н. Конференција за Балканот во чии рамки ќе се промовираат и дегустираат производи од осум земји од регионот.
Како што соопшти организаторот – интернационалната мрежа Слоу фуд, на две конференции – за нужните промени и вклучувањето на младите во системот на исхрана, ќе присуствува и познатиот ТВ готвач и активист за храна Џејми Оливер.
Новина на Саемот е школата за готвење на која директно ќе се приготвуваат и дегустираат јадења од разни земји и култури. Салон дел густо и Тера Мадре ќе ги проследат новинарски екипи од целиот свет меѓу кои и Радио 4 на BBC.
Зад учеството на македонската делегација на Салон дел густо – Тера Мадре стои Слоу фуд – Македонија, која го поттикнува одржливото земјоделство и работи на заштита на вкусовите и на биодиврезитетот. Дел е од интернационална мрежа Слоу фуд која има претставништва во 150 земји.
Македонската делегација на годинашните Салон дел густо и Тера Мадре ја сочинуваат 30-тина членови, најголем дел фармери, традиционални производители и претставници на науката.