Македонија одлично претставена на саемот за туризам во Брисел

46

A86AD4D086007B46B0262848EAE5ADAAТуристичките можности и капацитети на Република Македонија беа преставени на саемот за туризам во Брисел, Белгија, во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), каде многу белгиски тур-оператори покажаа интерес.

“Може да констатирам дека ова саемско промовирање на Македонија е многу успешно, имајќи предвид дека имаме поединечни средби со повеќе тур-оператори од Белгија кои имаат голем интерес да започнат да работат со Македонија. Освен ЈетАир уште два големи тур-оператори ќе започнат да носат туристи во Македонија. Едната компанија е од Фламанскиот, а другата од Валонскиот дел на Белгија. Исто така најголемата ТВ станица во Белгија ова година ќе дојде во Македонија да снима документарен филм за природните убавини, културата, традицијата на земјата”, рече економскиот промотор на Македонија во Белгија Кренар Бектеши.

Директорот на Агенцијата Јордан Трајков, смета дека промотивната стратегија што Македонија ја спроведува на целните пазари – вклучувајќи го и белгискиот ќе даде добри резултати.

“Ќе мора да поработиме и на поддршката на туризмот за да ја подобриме и зголемиме понудата на туристички производи. Во таа насока имаме неколку одлични проекти како: обележување и мапирање на планинарски патеки и планински велосипедски патеки, креирање на електронски пазар за издавање на викендици и станови во туристичките места и отварање на авто кампови низ цела Македонија. Сите овие проекти ќе имаат огромно позитивно влијание на нашата туристичка понуда за наредните години. Ги повикувам сите граѓани на Македонија кои можеби препознаваат интерес во погоре спомнатите проекти да не контактираат”, рече Трајков.

Македонскиот амбасадор во Белгија Лазар Еленовски верува дека претставувањето на државава како туристичка дестинација на саемот во Брисел е добар начин да се унапреди туризмот во земјата.

“Апсолутно исправна и сериозна активност е градењето стратегија за туризам, преку изложбениот простор и модерните промотивни материјали, со цел да се истакнат природните, културните, традиционалните, историските вредности на нашата земја. Потребна е константна, перманентна промоција за да го доближиме туристичкиот потенцијал на Македонија кај белгиските туристи”, вели Еленовски.

Ова е шести саем за туризам на кој годинава Македонија е претставена со помош на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.